Економија

Трговците ги почитуваат мерките, Бектеши задоволен

21.09.2023 16:36

Освен за маркетите, во одлуката за цените има задолженија и за добавувачите и за прозводителите. Пазарните инспектори продолжуваат со контроли. Министерот Бектеши задоволен од почитувањето на мерките од страна на трговците, граѓаните велат намалувањето не е доволно...

По обиколката на маркетот, министерот за економија Бектеши задоволен од трговците и производителите оти ја испочитувале владината одлука и ги намалиле цените на производите за 10 отсто. Информираше дека при контролите на маркетите не се регистрирани недоследности. Најави дека од наредната недела нови поевтинувања ќе има и кај соковите, минералната вода, алкохолните пијалаци. Бектеши очекува годинава да се преполови инфлацијата кај храната и најави дека од почетокот на идната година ќе има нов раст на минималната плата.

Сопствениците на големите синџири супермаркети велат дека ја испочитувале владината мерка и ги намалиле цените, но поради тоа ќе имаат намалена добивка.

Граѓаните со кои разговаравме забележале дека има одредено намалување кај некои производи, но според нив тоа не е доволно.

Мерката гарантирана цена ќе трае до 30 ноември. Доколку се утврдат непочитувања, следуваат парични глоби и клуч на врата за маркетите.

 

Викторија Милевска