Њу Џерси

Битиќи: Државната поддршка за инвестиции е потпора и за пазарните успеси на македонските компании во САД

22.09.2023 14:11

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со претседателот Стево Пендаровски, во рамки на работната посета на САД, по повод учество на Генералното собрание на ОН, ја посетија компанијата „Фаст Пак Трејдинг“, во сопственост на Иванчо Ивановски...

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со претседателот Стево Пендаровски, во рамки на работната посета на САД, по повод учество на Генералното собрание на ОН, ја посетија компанијата „Фаст Пак Трејдинг“, во сопственост на Иванчо Ивановски, основана пред 30 години, а која врши дистрибуција на над 1.000 различни македонски производи во сите сојузни држави на САД.

При обиколката на дистрибутивниот центар на компанијата во Њу Џерси, вицепремиерот Битиќи, ја истакна заложбата на Владата за негување и развивање на контактите со дијаспората, посебно во насока на унапредување на економските врски и создавање на стимулативни услови кои мотивирачки би делувале, Северна Македонија да ја препознаат како реална можност за развивање на нивниот бизнис.

Вицепремиерот Битиќи изрази задоволство што компанијата „Фаст Пак Трејдинг“ е пример за тоа како еден бизнисмен од македонската дијаспора може да допринесе во развивањето и унапредувањето на економските врски помеѓу САД и Северна Македонија, особено од фактот што сите добавувачи на компанијата „Фаст Пак Трејдинг“ се од Северна Македонија.

Вицепремиерот Битиќи изразувајќи честитки за успесите на компанијата, на сопственикот Ивановски му порача своето претприемачко знаење да го пренесе во Северна Македонија и со тоа уште подлабоко да се вклучи во градењето на економскиот развој на земјата и зголемувањето на благосостојбата на граѓаните, за што од Владата може да очекуваат силна партнерска поддршка.