Бислимоски: Доколку не работи ТЕ-ТО ќе ни се случи ценовно цунами
Доколку не работи ТЕ-ТО, не чека ценовно цунами. Парното ќе поскапи многу доколку не се врати цевководот на мостот Беласица, најави првиот човек на Регулаторна комисија. Тој појасни дека новата цена на парното ќе се соопшти откако се постави топловодот, а до тогаш граѓаните ќе плаќаат по старата ланска цена.

Доколку не се постави новиот топловод на мостот „Беласица“, за да може да се користи топлинската енергија од ТЕ-ТО, ќе ни се случи ценовно цунами во град Скопје. Граѓаните ќе се соочат со високи цени за парното греење, изјави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.
Тој појасни дека новата цена на парното ќе се соопшти откако се постави топловодот, а до тогаш граѓаните ќе плаќаат по старата ланска цена.
„Доколку не се постави овој мост би ни се случило ценовно цунами. Од тие причини додека не добиеме цврсто уверување дека ќе се постави цевководот нема да донесеме одлука. Доста беше заради препирки нечии тоа да оди на грбот на граѓаните. Цена не носиме додека не добиеме цврсто уверување дека цевководот повторно ќе се постави и ќе биде целосно во функција“, рече Бислимоски.
Бислимоски не сакаше да лицитира со новата цена на парното, рече Регулаторната комисија нема да дозволи ценовни шокови, но додаде дека цената ќе зависи и од оние шест милиони евра позајмица од Владата на ЕСМ кои треба да се вратат назад.
″Во однос на цената на гасот зависи таа цена која ќе се добие на тендер кој го распишува ЕСМ. Во овој момент цената за топлинска енергија во градот Скопје е 30 тина проценти субвенционирана и одговара на далеку пониска цена на природниот гас и од таа што е во моментот“, рече Бислимоски.
Во пресрет на грејната сезона граѓаните ги очекува уште една неизвесна зима. Додека цените на горивата бележат постојан пораст, надлежните не можат да кажат дали ќе има или не зголемување на цената на струјата.
Соња Рилковска
