Маркети под клуч поради непочитување на мерките
Повеќе ланци маркети затворени од Пазарниот инспекторат. Не ги почитувале мерките и одлуките на владата, којашто ги ограничи цените на основните прехранбени производи...

Паднаа и првите казни за непочитување на мерката гарантирана цена. Покрај парична глоба, пазарна инспекција стави и клуч на врата на 5 големи ланци на маркети, а казнети се вкупно 7 објави директорот на ДПИ Горан Трајковски. Инспекторите забележале дека на производите се ставала налепница гарантирана цена, без тие воопшто да бидат намалени за 10 отсто. Од понеделник Трајковски најави поригорозни контроли и апелираше дека нема да има компромис ниту селекција во постапувањето.
Граѓаните со поделени мислења. За едни мерката е добра и забележале одредено поевтинување најмногу кај млечните производи, за други намалувањето од 10 проценти не е доволно.
За наредната недела најавено е нова поевтинување и тоа на алкохолните и безалкохолните пијалаци кои според Министерството за економија е на иницијатива на самите производители и трговци. Со владината мерка гарантирана цена над 500 производи добија нова цена пониска за 10 отсто.
Викторија Милевска
