Бесими: Фирмите со екстра добивка треба да ги поддржат антикризните мерки
Во време на ковид-кризата фирмите беа поддржани со низа мерки од државата. По принципот на солидарност, оние фирми кои оствариле екстра профит, како резултат на минатогодишните случувања на пазарот, а од кои голем дел користеле претходно владини мерки, треба да придонесат преку плаќањето на данокот за солидарност, вели министерот за финансии...

Скоро 150 милиони евра е буџетската поддршка за домашните и странските фирми годинава или пет пати поголема споредено со пред пет години. Реинвестираната добивка, исто така, е ослободена по два основи. Во време на ковид-кризата фирмите беа поддржани со низа мерки од државата. По принципот на солидарност, оние фирми кои оствариле екстра профит, како резултат на минатогодишните случувања на пазарот, а од кои голем дел користеле претходно владини мерки, треба да придонесат преку плаќањето на данокот за солидарност, средства кои ќе се користат исклучително за новиот пакет антикризни мерки за граѓаните и фирмите, изјави министерот за финансии, Фатмир Бесими во гостување на национална телевизија.
„Ако гледаме наназад само од 2017 година наваму директни субвенции во стопанство по основ на инвестиции и врз основа на други програми, директно од буџетот од 1,9 милијарди денари во 2017, се покачени на 7,76 милијарди денари годинава, дополнително утре имаме комисиска расправа за покачување на овие средства за дополнителни 1,3 милијарди денари. Државната поддршка за стопанството е сериозна, да го земеме периодот на ковид-кризата, на пример - имаше поволни кредити од ЕИБ, бескаматни кредитни линии, гарантна шема. Исто така, сега се обезбедени дополнителни 100 милиони евра од ЕИБ и 50 милиони евра од Банката на Совет на Европа“, посочи Бесими и додаде дека и реинвестираната добивка се ослободува, односно иззема од даночната основа.
Министерот за финансии истакна дека најголем дел од компаниите кои оствариле екстра профит лани, за повеќе од 20% од просекот од претходните три години и подлежат на данокот на солидарност се околу 40% фирми од енергетскиот сектор, околу 40% се фирми од финансискиот сектор, игри на среќа и трговија на мало и остатокот од 20% се фирми од други дејности.
Бесими посочува дека солидарниот данок се носел низ инклузивен процес со повеќе јавни расправи, но и билатерлани средби со коморите, уште од декември 2022 година. Во самите расправи се прифатени нивни сугестии од кои едната се однесува на годините кои се земаат за основицата за пресметка, што влијаеше и намалување на фискалниот ефект на оваа мерка од 90 на 50 милиони евра.
