Вашингтон

Средба Битиќи – Пајат

26.09.2023 11:57

На средбата вицепремиерот Битиќи изрази благодарност за економската поддршка која Северна Македонија во континуитет ја добива од САД, при што го информираше американскиот помошник државен секретар за активностите на Северна Македонија во делот на изградбата на гасниот терминал Александруполи...

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во Американскиот Стејт Департмент во Вашингтон, оствари со средба со Џефри Пајат, помошник државен секретар за енергетски ресурси. На средбата вицепремиерот Битиќи изрази благодарност за економската поддршка која Северна Македонија во континуитет ја добива од САД, при што го информираше американскиот помошник државен секретар за активностите на Северна Македонија во делот на изградбата на гасниот терминал Александруполи, кој на среден рок ќе гарантира диверзификација на изворите за снабдување со гас.

Вицепремиерот Битиќи рече дека Северна Македонија е од ретките земји во светот која до пред една година беше 100% зависна од гасот од Русија. На крајот на 2022 година е отворен патот за други добавувачи преку зголемување на капацитетот на интерконекторот со Бугарија, а токму проектот за интерконекторот со Грција и гасното поврзување со Александруполи ќе ја направи земјава независна од руската енергија.

Пајат од негова страна го реафирмираше стратешкото партнерство на САД со Република Северна Македонија, при што рече дека одличните политички релации меѓу двете земји, поттикнуваат и попродлабочена економска соработка. На средбата стана збор и за потребата за замена на јагленот со обновливи извори, при што заедничка констатација беше дека Северна Македонија треба да го следи примерот на САД каде електричната енергија произведена од обновливи извори во 2022 година, го надмина производството на електрична енергија од јаглен, стои во соопштението од Влада.