Поевтинување на дел од пијалаците за 10 отсто
Ново поевтинување на рафтовите во маркетите. Од утре пониски цени на безалкохолни и алкохолни пијалаци. Одлуката ги помина владините филтри, а од следната недела се очекува намалување и на хигиенските производи...

Безалкохолните пијалаци, газираната и негазираната вода и пивото ќе се продаваат со поевтини цени по одлуката на денешната владина седница, како дел од мерката за замрзнување на цените. Донесена е одлука и за намалување на маржите кај овошјето и зеленчукот. Се очекува намалувањето на цените да биде од 10 до 30 насто. Одлуката ќе биде објавена денеска во Службен весник, а од утре стапува во сила. Највисоките цени на овие производи ќе се утврдуваат според цените кои се применувале на 19-ти септември. Трговците на мало мораат да ги обележат производите со натписот „гарантирана цена“. „Гарантираната цена“ за сите овие производи ќе важи до 30-ти ноември.
Едни велат дека очекуваат намалување на цените на дел од пијалаците, други велат не очекуваат, а трети пак, навикнале на постојаното менување на цените.
Со стапувањето во сила на мерката за намалување на цените на основните прехранбени продукти, пазарната инспекција врши постојан надзор. Казните се од 3 до 30 дена клуч на врата и од 800 до 10.000 евра парична казна. Досега се затворени седум трговски објекти од кои пет големи маркети на територијата на Скопје, Струга и Кичево.
Александра Велинова
