Комисија за финансирање и буџет

Предлог за прераспределба на средства

26.09.2023 16:15

Плати за јавниот сектор, за пензионерите, земјоделски субвенции а ќе има и за лекови во здравството. Владата го скрои ребалансот и стигна на собраниска комисија. Опозицијата вели дека нема да поддржи прераспределба која значи тендери во 4 очи...

18,2 милијарди денари е новиот ребаланс, што пред Комисијата за финансирање и буџет го презентираше првиот финансиер Фатмир Бесими. 4,25 милијарди денари се за плати во јавниот сектор, 3,5 милијарди денари се за 336 илјади пензионери за пораст на пензиите за речиси шест насто, почнувајќи од септември годинава. Од колачот ќе има помош за домашни и странски компании и за ТИРЗ зоните. 800 милиони денари се за земјоделски субвенции. 650 милиони денари за Мој ДДВ. Средства ќе има и за исплата на социјалните права, за студентски оброк и стипендирање. 100 милиони денари ќе се одделат за набавка на лекот „трикафта“ за 55 пациенти, 20 милиони денари за дигитални сензори за мерење шеќер во крвта, а се обезбедуваат и 4,55 милијарди денари за пакетот на антикризни мерки.

Бесими појасни дека распределбата на средствата е за поддршка на стандардот на граѓаните. Посочи дека владата останува на нивото, буџетот да биде ликвиден до крајот на годината. ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи ваква одлука за распределба. Според нив ова значело повеќе тендери во четири очи. Велат без капитални инвестиции нема развој, а на земјава и е потребен економски рестарт за да не бидеме со најлоша економија во регионот и во Европа. Премиерот Ковачевски пак, пред десетина дена изјави дека нова еврообврзница до крајот на годината нема да се издава, а со ново задолжување во светска банка ќе бидат достапни средства за значајни проекти.

 

Наташа Гркова-Петрушевска