МФ: Зелените обврзници нов финансиски инструмент на домашниот пазар на капитал
Ова е втор инструмент кој годинава го лансира Министерството за финансии на домашниот пазар на капитал, збогатувајќи ја понудата на финансиски производи и поттикнувајќи конкуренција...

Министерството за финансии денеска го објави Проспектот за првата емисија зелени обврзници. Ова е втор инструмент кој годинава го лансира Министерството за финансии на домашниот пазар на капитал, збогатувајќи ја понудата на финансиски производи и поттикнувајќи конкуренција.
Зелените обврзници се хартии од вредност кои ќе се користат за инвестициски проекти за зелен развој. Односно тие се наменети за поттикнување и поддршка на проекти за унапредување и заштита на животната средина и финансирање еколошки проекти. Тој, како и претходно воведената граѓанска обврзница, е нов производ на домашниот пазар и е согласно Стратегијата за развој на пазарот на хартии од вредност, Стратегијата за управување со јавниот долг и Планот за забрзан економски раст.
Првата емисија на оваа зелена обврзница е во износ од 10 милиони евра, аукцијата ќе се одржи на 3 октомври 2023 година. Граѓаните и правните лица кои се заинтересирани да учествуваат на аукцијата може да поднесат барање за учество преку банките. Зелената обврзница нуди каматна стапка од 4,75% годишно. Зелените обврзници од оваа емисија се со рок на доспевање од две години, односно ќе доспее на 5 октомври 2025 година. Каматата ќе биде исплатена на 5 октомври 2024 година за првата година и на 5 октомври 2025 година за втората година, заедно со главницата.
Зелената обврзница на пазарот на хартии од вредност доаѓа по успешното воведување на граѓанската обврзница, за која беше објавена првата емисија во текот на јули 2023 година и на која беше пројавен интерес два и пол пати поголем од објавениот износ на проспектот на обврзницата.
Согласно Стратегијата за развој на пазарот на капитал и Планот за забрзан економски раст покрај овие два инструмента, на пазарот во наредниот период ќе бидат понудени и проекти обврзници и развојни обврзници, кои се насочени кон разојни проекти и проекти поврзани со инфраструктурата. Дополнително, по издавање на зелената обврзница ќе се издаде и втората граѓанска обврзница.
Граѓаните и правните лица заинтересирани за учество на аукцијата и запишување на зелени обврзници може да поднесат барање заклучно до понеделник, 2 октомври 2023 година, стои во соооштението од Финансии.
