Инвестиции

Британска финансиска помош за коридорите 8 и 10-д

27.09.2023 14:32

Британски пари во коридор 8 и 10-д. Обединетото кралство ги зголемува финансиите за Mакедонија, 4 милијарди фунти, а до нив пристап ќе имаат компаниите...

Британска финансиска поддршка при обновување и проширување на Коридорите 8 и 10 најави Мартин Бикерс, претставникот за трговски врски со Западен Балкан. Се планира обновување и проширување на железничката мрежа со 320 километри надградба и нови линии на гасоводот, вредни една милијарда евра. Агенцијата за кредитирање на извозот на Обединетото Кралство ги зголемила ограничувањата за земјите со што компаниите ќе имаат пристап до 4 милијарди фунти помош кои се однесуваат само на Северна Македонија.

„Ќе се промовира развојот на човечките вештини и капацитети подеднакво за сите. Ќе се одржува економската профитабилност и одржливост преку транспарентни и одговорни деловни практики и ќе се подобрат еколошките аспекти на водење на бизнис преку префрлување на обновливите извори на енергија, намалувањето на јаглеродниот отпечаток и стремеж кон нулта емисија“, изјави Метју Лосон, амбасадор на Обединетото Кралство.

„Што се однесува до пошироките инфраструктурни проекти кои би требало да добијат поддршка од Обединетото Кралство, се планираат и развиваат системи за третман со отпадни води и управување со отпад, како и национална широкопојасна инфраструктура“, изјави Мартин Бикерс, претставникот за трговски врски со Западен Балкан.

Во време кога земјава се соочува со недостаток на работна сила, менаџерите на британските компании во земјава со стратегии за да ги задржат вработените и да привлечат нови работници.

Со фокус на инфраструктурата, енергијата, рударството, одржливиот развој, здравството, безбедноста и одбраната ќе се продлабочуваат 30-годишните македонско-британски дипломатски односи. По тој повод е основана првата Британска бизнис-асоцијација во земјава.

 

 

Александра Велинова