ЗЕМЈОДЕЛСТВО

Македонските земјоделци употребуваат помалку пестициди и ѓубрива

29.09.2023 08:23

Македонските земјоделци употребуваат помалку пестициди и вештачки ѓубрива од европските. Во извештајот на Светска банка се вели дека фармерите во земјава имаат скромни претприемачки способности и технички познавања. Пречка се и парите. На финансиски план се ограничени, а напредокот во органското земјоделство е бавен …

Напредокот во органското земјоделство е бавен, поврзаноста меѓу производителите и преработувачите е слаба, а и пристапот до пазарите не е многу лесен.

Употребата на ѓубрива е намалена, односно помалку се користат, а кај пестицидите има нејаснотии и помалку се употребуваат поради недостапноста до информации, па така изгледа дека во однос на органското и производството на здрава храна земјата има подобар просек од оној на Европската унија.

Сепак само 5 до 10 отсто од земјоделците ја евидентираат употребата на ѓубрива, а повеќето ги користат без анализа на почвата. Во однос на примената на пестицидите, потребен е подобар советодавен и построг инспекциски систем.

Извештајот укажува и дека фармерите во земјава имаат поскромни претприемачки способности и технички познавања. Ограничени се и финансиски, што ја лимитира нивната ликвидност за инвестиции и за раст.

Светска банка препорачува да ги усогласиме политиките за развој на земјоделскиот сектор и приближување кон целите на Европскиот зелен договор. Треба да се синхронизира државната поддршка со европското законодавство, да се отстранат бариерите и да се креираат услови за развој на органското земјоделство, а на органските фармери да им се овозможи подобар пристап до пазарот.

 

Методија Трајков