Десет маркети затворени, контролите продолжуваат
Од 550 направени контроли, затворени се десет маркети. Инспекциските контроли продолжуваат. Од пазарната инспекција повикуваат на поголема општествена одговорност и почитување на мерката за гарантирана цена на производите…

Десет различни маркети во Скопје, Гостивар, Тетово, Куманово, Кавадарци, Кичево се затворени. Од 20-ти септември спроведени се 550 контроли на пазарниот инспекторат. Изречени се казни од 6.320.000 денари.
Нема да оставиме простор за непочитување на одлуката, ниту ќе дозволиме потрошувачите да бидат доведувани во заблуда. Маркетите имаа време да си ги исправат грешките, вели директорот на пазарна, Трајковски. Апелира и нерегистрираните трговци да се регистрираат до 15-ти октомври.
Од владините мерки се засегнати производителите, а не трговците, бидејќи имаат сè повисока цена на влезните инпути – вели потпретседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Георгиевски.
Од три до 30 дена клуч на врата и парична казна од 800 до 15.000 евра е казната за непочитување на мерката гарантирана цена. Не е целта да се казнува, децидни се надлежните, туку да се разбуди општествената одговорност и да се почитува одлуката за замрзнување на цените која важи до 30-ти ноември.
Александра Велинова
