РКЕ И ЕСМ ветуваат дека парно ќе има
Граѓаните во неизвесност дали ќе имаат парно греење и дали ќе плаќаат повисоки сметки. Од ЕСМ со ветување дека парно ќе има. Алтернативниот вод ќе ги зголеми сметките за парно...

Разликата на повисоките сметки за парно греење би биле на товар на ЕСМ, а не на граѓаните, доколку топловодот на опожарениот мост „Беласица“ не се монтира пред грејната сезона – вели претседателот на РКЕ, Бислимовски. Она во што е сигурен е дека снабдувањето со топлинска енергија во ниту еден момент нема да биде доведено во прашање.
По разговорите со градот Скопје и ЕСМ, Бислимовски е сигурен дека за краток рок топловодот ќе биде монтиран. Доколку навреме се постават цевките ќе се обезбеди топлинска енергија од ТЕ-ТО која е трипати поевтина од онаа која ја произведуваат топланите – вели тој.
Иако досегашната практика беше висината на цената да е оформена до крајот на јули, цената за претстојната сезона сè уште не се знае. Кога ќе добијат цврсто уверување дека топловодот ќе биде поставен, тогаш ќе се формира, вели Бислимовски. Вкупно 60 илјади домаќинства во главниот град користат парно греење, најголем дел од ЕСМ.
Александра Велинова
