97 милиони евра преку ИПАРД 3 за модернизација на земјоделството
Потпишан договорот за користење средства од новата ИПАРД 3 програма. Доделени 97 милиони евра за македонското земјоделство. Евроамбасадорот Гир вели – земјава е лидер во регионот од искористување европски средства…

97 милиони евра ќе им бидат на располагање на земјоделците до 2027-ма преку европските ИПАРД 3 фондови. Владини претставници формално го потпишаа документот со евроамбасадорот Гир, чија сума е за 62% повисока од ИПАРД 2 програмата. Македонија е првата земја во регионот на која ѝ се достапни овие пари, а министерот Николовски смета дека тоа е така затоа што досега сè што е побарано е исполнето.
ИПАРД ја поддржува модернизацијата на производството на храна, како и справувањето со климатски промени, затоа досега во земјава се потрошени 223 милиони евра за оваа намена.
Оваа финансиска можност за земјоделците доаѓа во време кога цената на храната енормно расте. Министерот Бесими смета дека како отворен пазар, но и како земја-кандидат за членство во ЕУ која потпишала многу меѓународни договори, сме обврзани и не смееме да забраниме субвенционираното овошје и зеленчук да се извезуваат надвор, а нашите трговци да увезуваат поскапи производи.
Според владините претставници, со парите од домашниот буџет, но и со странските пари, се посветува посебно внимание на подобрувањето на безбедноста и квалитетот на храната, заштита на животната средина, обнова и развој на руралните култури.
Катерина Топалова
