Блок 3 на РЕК Битола вратен во функција
Блок 3 на РЕК Битола е вратен во функција, откако поради проблем во трафостаницата на МЕПСО во раните утрински часови предизвикан е испад на првиот и третиот блок. На десетина дена пред почетокот на грејната сезона комбинатот ветува испорака на струја според енергетскиот план на АД ЕСМ...

Од нешто по десет часот, РЕК Битола работи со една третина од својата инсталирана моќност откако беше саниран дефектот на третиот блок кој заедно со блокот еден испаднаа од електро- енергетскиот систем, поради проблем во трафостаницата која се наоѓа во непосредна близина на нашиот најголем електро- енергетски потенцијал.
Стручните екипи на МЕПСО и РЕК Битола сега целосно се фокусирани на санација на првиот блок. Според првите проценки, очекуваат до крајот на денот да се надмине новонастанатата состојба, а во раните утрински часови да биде приклучен на мрежа, бидејќи не се работело за поголем дефект.
Паралелно се работи на завршните ремонтни активности на вториот блок.
Иако овие дефекти фрлаат сенка на десетина дена до почетокот на грејната сезона, Пасков ветува дека РЕК Битола истата ќе ја започне со трите блока и испорака на струја согласно со енергетскиот план на АД ЕСМ.
Стевче Митревски
