Граѓаните револтирани од зголемените цени, од Владата велат дека имаме најниско ДДВ во регионот
Во македонските маркети повеќе зголемени отколку намалени цени. Со новата одлука за повисок данок на додадена вредност, речиси и да не се забележуваат производите кои се под гарантирана цена. Граѓаните пред камерата на Македонската телевизија се револтирани, цените се високи за нашиот стандард. Премиерот пак тврди дека Македонија има најниско ДДВ, за разлика од останатите земји. Но може да се исклучи од листата одреден производ, доколку се користи секојдневно од граѓаните …

Втор ден од зголемувањето на цените на илјадници прехранбени продукти кои според Владата се луксуз, по владината одлука за зголемување на данокот на додадена вредност за 5 проценти.
Поголемиот дел од граѓаните револтирани, велат – овие цени на храната се преголеми за нашиот стандард. Иако има и производи со намалена и гарантирана цена, граѓаните велат дека многу повеќе се чувствуваат зголемените цени на останатите производи, па согласно тоа и сметките се повисоки.
Премиерот Димитар Ковачевски пак тврди – Владата го штити стандардот на граѓаните, а Македонија има најнизок данок на додадена вредност во регионот, но и споредено со земјите од Европската унија. Ковачевски вели дека и стапката од 10 проценти ДДВ е повластена, бидејќи е под основната стапка од 18 проценти.
Власта најпрвин тврдеше дека ќе се зголеми данокот за луксузни производи како перки од ајкула, но гледаме дека всушност станува збор за основни прехранбени продукти, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ. Според лидерот на партијата Христијан Мицкоски, власта ова го прави бидејќи недостасуваат пари во буџетот, поради, како што вели, немилосрдното трошење на средствата за проекти за кои ни шајка немаат заковано. Владината одлука за зголемување на данокот резултира меѓудругите, и со повисоки цени на чајот, цвеклото, лутеницата, овесните снегулки, млечните намази, замрзнатата риба, храната за бебиња и други.
Марија Котовска
