МЗШВ

Второ издание на Националниот саем за храна и пијалаци „Вкуси ја традицијата“

07.10.2023 19:04

Денеска во Градскиот парк, се одржа второто издание на Националниот саем за храна и пијалаци „Вкуси ја традицијата“...

Настанот е во организација на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство со поддршка од Слоу Фуд Македонија и Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), а се одржува под мотото „Taste life, taste tradition“ односно „Вкуси го животот, вкуси ја традицијата“.

Ова е втора година по ред да се одржи саем со ваков обем, на кој се претставија повеќе од 400 производители, со над 2000 домашни производи, кои го презентираат македонското земјоделство и гастрономија.

На настанот, чиј домаќин беше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски присуствуваа бројни гости, претставници на Владата, дипломатскиот кор како и гости од странство, меѓу кои министерката за земјоделство на Србија, Јелена Танасковиќ.

Националниот саем се одржува втора година по ред во заедничка соработка со Слоу Фуд Македонија, а прв пат со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).

Саемот дишеше во ритамот на домашната македонска музика, посетителите уживаа во вкусовите на тазе подготвена храна, се пробуваше од се по малку, за да може да се почувствува целиот тој колорит од бои, вкусови, мириси, звуци, детски џагор и насмеани лица. За сè да биде совршено, се погрижија нашите соработници малите производители, кои на своите тезги нудеа оригинални брендови на ајвар, пинџур, маџун, намази, слатка, сирења, кашкавали, домашни сокови и разни други напитоци, подготвени по традиционални рецепти. Во името на сите нив се обрати младиот земјоделец Филип Димкоски од Прилеп, кој е дипломиран земјоделски инженер и производител на храна.

На просторот во Градски парк, беа поставени 80 штандови, се готвеше вкусна традиционална храна од познати готвачи, разиграно беше и детското катче, со цел на децата одблизу да им се претстават домашните земјоделски производи, храна, пијалаци и автохтони сорти на семиња. За целосна позитивна атмосфера, посетителите освен во вкусовите на домашна храна и пијалаци уживаа и во звуците на музичката етногрупа „Баклава“.

Националниот саем „Вкуси ја традицијата“ е уште една успешна приказна која произлезе од одличната соработка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и малите производители, младите земјоделци и жените земјоделки.