На производите со „гарантирана цена“ нема да има ДДВ поголем од пет отсто, уверува Бектеши
„Цената на основните прехранбени производи може да биде само дополнително намалена, но никако и зголемена“ – вели министерот за економија Бектеши. Иако сè уште не го погледнал целиот список, најави корекции ако има пропусти...

Трошоците за живот во септември поголеми од ланските за 6.6%. Државниот завод за статистика пресмета дека во споредба со претходниот месец пак, тие се намалиле за 0.1%, а цените на мало за 1.0%. Пониски индекси има кај свежото и разладеното овошје, маслото, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови и млекото. Пораст има кај жестоките пијалаци, јајцата, виното, сирењето, урдата, лебот, месото.
Министерот Бектеши очекува во наредните месеци дополнително да се намалува цените на храната. Според него, растот на ДДВ-то нема да влијае на гарантираните цени. Доколку се увидат грешки, веднаш ќе се коригираат, уверува Бектеши.
Според премиерот Ковачевски, нема никакво зголемување на цените туку намалување, а овој данок има најниска стапка во однос на другите држави во регионот. Според него, производите што се сметаат за луксузни и оние кои не се основни се со повластена стапка од 10 проценти. Ковачевски смета дека е остварливо до крајот на годината инфлацијата да достигне 5 проценти.
Ковачевски најави дека во финална изработка е Закон за спречување нефер трговски практики со кој се регулира целиот синџир на продажба.
Викторија Милевска
