Министерство за финансии

Бесими на средба со членовите на Фискалниот совет

10.10.2023 12:05

Фискалниот совет, односно независното тело кое ќе ги надгледува макроекономските и фискалните политики во земјава, станува оперативно. Воспоставувањето на Фискалниот совет е со цел зајакнување на системот, а е дел од поширока реформа за здрави и одржливи буџетски и макроекономски политики, посочи денеска министерот за финансии, Фатмир Бесими, кој се сретна со членовите на Советот...

Фискалниот совет, односно независното тело кое ќе ги надгледува макроекономските и фискалните политики во земјава, станува оперативно. Воспоставувањето на Фискалниот совет е со цел зајакнување на системот, а е дел од поширока реформа за здрави и одржливи буџетски и макроекономски политики, посочи денеска министерот за финансии, Фатмир Бесими, кој се сретна со членовите на Советот, по одржувањето на конститутивната седница на која се утврдени принципите и насоките на делување и работа на ова тело и едногласно е избран за претседател проф. Глигор Бишев.

Формирањето на Фискалниот совет е предвидено со реформскиот Закон за буџети, а го сочинуваат независни членови предложени од Народната банка, МАНУ и Државниот завод за ревизија, кои ги избира Собранието на РС Македонија. Првиот состав на Фискалниот совет го сочинуваат: академик Абдулменаф Беџети, предложен од МАНУ, Марина Трпеска, редовна професорка на Економскиот факултет на УКИМ, предложена од Државниот завод за ревизија и Глигор Бишев, по предлог на Народната банка. На средбата во Министерството за финансии, присуствуваа и заменик-министерот за финансии Филип Николоски и државниот секретар во МФ Јелена Таст.

На средбата беше истакната потребата од соработка и размена на материјали и информации, споделување документи, за операционализација и исполнување на улогата на телото. Во оваа насока наскоро ќе се одржи и состанок на кој во фокусот ќе биде подготовката на Буџетот за 2024 година.

„Фискалниот совет е дел од големата реформа во јавните финансии, каде независно тело ќе го надгледува спроведувањето на таргетите, оценува макроекономската поставеност и политиките кои се спроведуваат. Но, Фискалниот совет е важен сегмент од поставувањето на нов и подобар систем на јавните финансии, додека реформите предвидуваат и фискални правила, интегриран систем на јавни финансии, мерење на резултатите и голем број на други реформи кои ќе ја зацврстат структурата и ќе придонесат кон фискална одржливост“, посочува министерот за финансии Бесими.

Фискалниот совет, согласно Законот, на независна, објективна и професионална основа ќе изработува анализи и мислења за макроекономските и фискалните претпоставки користени за изработка на Буџетот на државата и фискалната стратегија, Измената и дополнувањето на Буџетот на државата, Полугодишниот извештај за реализација на буџетот, Завршната сметка на Буџетот и друга документација поднесена пред Собранието на Република Северна Македонија или објавена согласно со овој закон и слично.

На средбата од двете страни беше истакната определбата за вложување на своите знаења и капацитети во насока на исполнување на оваа реформска агенда и остварување на повисоки стапки на раст и просперитет.