Финансиска помош за млади земјоделци
На младите земјоделци кои сакаат да почнат сопствен бизнис државата ќе им помогне со неповратна финансиска помош до 10.000 евра. На огласот кој е во тек може да конкурираат земјоделци на возраст до 40 години.

Секој млад земјоделец кој почнува сопствен бизнис и кој е запишан во Единствениот регистар на земјоделски стопанства може да побара од државата финансиска поддршка до 10.000 евра.
По одобрувањето на субвенцијата, парите може да се доделат во вид на авансна исплата до 40 проценти од вкупната вредност на одобрениот износ, а остатокот се исплаќа по реализацијата.
Право за аплицирање имаат земјоделци не постари од 40 години, за финансирање на основните средства за работа, инвестиции во опрема за преработка на земјоделските производи и производи од животинско потекло, како и за отворање на сопствен агробизнис.
Корисниците на ИПАРД за истиот вид на инвестиција не можат да аплицираат за оваа финансиска поддршка како и оние кои лани добиле пари од истата мерка. Трактор и приклучна механизација не се прифатлив трошок.
Доколку намената на вложувањето согласно одобрениот деловен план предвидува преработка на земјоделски производи, по реализација на инвестицијата дејноста ќе треба да се евидентира во Агенцијата за храна и ветеринарство. Барањата со ист број на бодови ќе се рангираат според датумот и времето на поднесување на електронското барањето, а огласот ќе трае до 15-ти октомври 2023 година.
Методија Трајков
