Од РЕК Битола најавуваат дека од крајот на месецов струја ќе испорачуваат трите блокови
Колку ќе биде силен енергетскиот крвоток и зимава ќе зависи од столбот на нашиот енергетски потенцијал РЕК Битола. Од Комбинатот на денешниот брифинг најавија дека од крајот на месецов на мрежа ќе бидат трите термоелектрани. Иако на депониите има залиха од 500.000 тони јаглен и отпад во рудниците на два милиони тони и зимава поради ниската калоричност одредени количини на јаглен ќе се увезува од Грција и Албанија...

Во пресрет на грејната сезона од РЕК Битола најавуваат дека Комбинатот е во добра кондиција и ќе има стабилно производство и покрај староста на капацитетите. Во изминатиот период на депониите се одложени 500.000 тони јаглен, а во рудниците веќе има отворена откривна на околу 2. 000.000 тони јаглен. Но и покрај ваквите количини поради ниските калорични вредности велат ќе има набавка од соседството согласно со потребите.
Храна за термоелектраните ќе има, но останува отворено прашањето колку ќе бидат имуни на одредени дефекти. Од РЕК Битола велат дека завршени се ремонтите на првиот и вториот блок и наскоро се очекува Комбинатот да работи со максималната инсталирана моќност.
За тоа колкава ќе биде рамката на енергетскиот план велат ќе зависи од конзумот на електрична енергија.
Матевски вели дека дополнителен предизвик ќе биде и недостатокот на стручна работна сила кој засега е и генерален проблем и во поширокото опкружување.
Стевче Митревски
