Охрид

Во Охрид водата за пиење ќе поскапи за 30 проценти

12.10.2023 14:24

Од почетокот на наредната година охриѓани ќе пијат поскапа вода за пиење, дури за триесет проценти. Јавното претпријатие „Охридски водовод“ кое со години наназад се гуши во долгови, само за последната година го зголеми долгот за електрична енергија за еден милион и двеста илјади евра. Поради тоа, Општината размислува црпењето на вода со пумпи од езерото да го замени со искористување на Свињишките извори по гравитациски пат, со што драстично ќе се намалат трошоците...

Иако Охрид е лоциран до најголемиот басен со питка вода во Европа, од Нова година граѓаните ќе плаќаат повисоки сметки за вода за 30 проценти. Градоначалникот Кирил Пецаков, вели дека тоа бил изнуден чекор на предлог на Регулаторната комисија по доставувањето на тригодишниот бизнис план на ЈП „Охридски водовод“, бидејќи трошоците за струја драматично се зголемени поради користење на пумпи за црпење вода од езерото и трикратното зголемување на минималната плата.

Охриѓани се револтирани поради покачувањето на цената на водата за пиење, а особено пензионерите кои имаат пониски примања.

„Со 12 илјади пензија ова поскапување е претерано“, „Тоа е многу лошо затоа што и досега плаќавме скапо, многу со колектор, со Нискоградба се заедно“, Сметките се многу високи и сега уште 30 посто, тоа според нашите примања е невозможно“, велат граѓаните.

Од друга страна, градоначалникот Пецаков рече дека само на тој начин претпријатието може да биде оперативно и да ги плаќа сметките, при што најави набавка на нови пумпи со кои трошоците ќе се намалат за 30 проценти и реализација на проект за користење на Свињишките извори.

„Поттикнати од меморандумот за соработка со Градежниот факултет и професорите од таму, се решивме да направиме едно испитување, дали прво има капацитет изворот. Одговорот е да, има, и второ, колкава би била инвестицијата. Врз основа на она што сега го имаме како податок и сегашните цени на пазарот сиот тој проект ќе изнесува околу осум милиони евра“, изјави охридскиот градоначалник, Кирил Пецаков.

Со водата од Свињишките извори ќе бидат задоволени 60 проценти од потребите на градот и што е многу важно, водата до корисниците ќе доаѓа по гравитациски пат со што трошоците за струја ќе се минимизираат.

 

Сашо Нелоски