Ковачевски: Со правилни мерки и политики ја одржуваме ликвидноста на компаниите
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и в.д. директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски беше во посета на компанијата Мако Маркет ДОО Скопје...

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и в.д. директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски беше во посета на компанијата Мако Маркет ДОО Скопје.
„Продолжуваме со серијата посети на нашиот домашен пазар бидејќи сакаме да го следиме чекорот на нашите компании, да го слушнеме нивниот глас за мерките кои ги предлагаме бидејќи како креатори на политиките во нашата држава сме дел од нивниот развој. Како и многу други компании, и денешната е дел од стотиците компании, кои, во изминативе години беа и се поддржани со буџетски средства со што го модернизираа процесот на производство и станаа уште поконкурентни на нашиот, но и на меѓународните пазари“, изјави премиерот Ковачевски при посетата на „Мако Маркет“, која е корисник на државна помош во рамките на Законот за финансиска поддршка на инвестиции.
Заблагодарувајќи се на компанијата која во знак на поддршка на последните владини мерки ги прилагоди цените на производите кои ги дистрибуира и кои се дел од нивното сопствено производство, премиерот Ковачевски нагласи дека Владата во изминатиот период донесе низа мерки за заштита на животниот стандард и заштита на ликвидноста на компаниите.
„Ние како Влада и министрите од економските ресори на дело, на терен овде покажуваме што е вистинска грижа за компаниите. Не само со поддршка на компаниите, туку и со подготвеноста секогаш и секаде да бидеме отворени за размена на мислења, сугестии, предлози. Затоа и сме и меѓу компаниите заедно со нивниот менаџмент, со нивните вработени, меѓутоа и заедно со граѓаните. Ги слушаме нивните мислења, нивните потреби и затоа и носиме мерки во полза на граѓаните. Преку замрзнување на цените на основните прехранбени продукти и нивното намалување преку обезбедување на ’гарантирана‘ цена на производите, како и со владината одлука за допрецизирање на повластената стапка на ДДВ од 5% за најголем дел од основните прехранбени производи, создадовме солидна основа за да постигнеме инфлација од 5 отсто до крајот на годината. Оваа цел мислам дека е реална и остварлива“, подвлече премиерот Ковачевски, додавајќи дека Владата носи одлуки согласно движењата на пазарот и нема да дозволи профит на сметка на општото добро во време на криза.
