Реформи во шумарството
Се подготвува отворање на нова Агенција за шуми, а јавното претпријатие „Национални шуми“ треба да се трансформира во акционерско друштво. Планираните реформи во шумарството ќе се прават со финансиска поддршка од Европската унија. Проектот ќе трае до март 2025 година …

До март 2025 година се планира да биде изготвена Нацрт верзија на нов Закон за Агенција за шумите и нов Закон за државна компанија за шумарство со преструктурирање и трансформација на Јавното претпријатие во Државно друштво со ограничена одговорност или во акционерско друштво.
Со новиот проект на Европската унија вреден 1,2 милиони евра ќе се создаде нов информациски систем за шуми, како услов за ефикасно управување со нив и спречување на нелегалната сеча, превенција и справување со пожарите и следење на дрвна маса.
Ќе се воведуваат и нови бази на податоци кои се значајни како за оваа дејност така и за ловството.
Проектот е продолжение на досега завршените два помали ИПА проекти.
Со првиот се направија потребните анализи, а со вториот драфт верзија на новиот Закон се ревидираше сегашната Стратегија за одржлив развој на шумските насади.
Овој трет и најголем проект треба да даде поддршка на конкретните реформи заедно со план за одржлив развој на постоечките 100 илјади хектари со шуми во државата.
Методија Трајков
