Продолжен огласот од ИПАРД 3 програмата
За 15 дена е продолжено пријавувањето за првиот повик за средствата од ИПАРД 3 програмата со која како неповратна финансиска помош од Европската унија се обезбедени 97 милиони евра. Парите ќе може да се користат до 2027 година и се наменети за инвестиции во земјоделски стопанства и во развој на бизниси …

За 15 дена е продолжен рокот за доставување на барања за користење на финансиски средства по 2 мерки од ИПАРД 3 Програмата. Парите се наменети за инвестиции во основни средства во земјоделските стопанства и за развој на бизниси во руралните средини.
Кај мерката 1 како корисници се јавуваат земјоделски стопанства запишани во Регистарот на Министерството, кои може да бидат физички, правни лица и задруги или здружени правни лица. Минималната вредност на прифатлива инвестиција е 20.000, а максималната 750.000 евра.
Кај втората мерка приоритетни сектори се алтернативно земјоделско производство, преработка на алтернативни земјоделски производи, производство на прехранбени производи и пијалаци, производство на не-прехранбени производи, поддршка на занаетчиски активности и услуги за рурално население. Минимална вредност на предложен проект изнесуваат од 10.000, а максимална 600.000 евра.
Информации за подготовка и практични совети за аплицирање, заинтересираните земјоделски производители можат да добијат бесплатно во регионалните центри на Агенцијата за поттикнување на развој во земјоделството.
Јавниот повик ќе трае заклучно до 30-ти октомври.
Методија Трајков
