МФ: СБ посочува владините мерки придонесоа кон враќање на едноцифрена инфлација
Зголемување на капиталните расходи и нивно извршување преку среднорочното буџетирање, заедно со фискалната консолидација и фискалната одржливост, како дел од реформите во буџетскиот процес, исто така ќе бидат клучни во забрзување на растот на среден рок...

Економскиот раст умерено ќе забрза на среден рок, како резултат на повисоките јавни инвестиции и заздравувањето на приватната потрошувачка, додека продолжувањето на преговорите за членство со Европската Унија може да придонесе кон забрзување на реформскиот процес и зголемување на потенцијалот за раст, се констатира во извештајот на Светската банка за регионот на Западен Балкан во очекувањата за РС Македонија. Зголемување на капиталните расходи и нивно извршување преку среднорочното буџетирање, заедно со фискалната консолидација и фискалната одржливост, како дел од реформите во буџетскиот процес, исто така ќе бидат клучни во забрзување на растот на среден рок.
Светската банка очекува инфлацијата да продолжи да се намалува годинава и следната година, додека историски ниското ниво од околу 2% би се постигнало во 2025 година. Порастот на реалните плати ќе продолжи со новите покачувања во јавниот сектор, како и со новиот колективен договор за плати во администрацијата до година.
Реалната плата, со вкалкулираните ефекти од инфлацијата расте од април 2023. Раст на платите е забележан во сите стопански сектори во првата половина од годината, како резултат на растот на минималната плата. Растот на платите на работниците во градежништвото, администрацијата и образованието за овој период е над просекот. Растот на платите ќе продолжи и понатаму со новиот колективен договор кој Владата го потпиша за јавниот сектор во август 2023 година, кој вклучува зголемување на платите од 10 проценти од септември 2023 година, ревизија на методологијата за утврдување на платите од 2024 година која ја поврзува основната плата со националната бруто-плата и регрес за годишен одмор во висина од 30 проценти од просечната нето-плата. Минималната плата се зголеми двојно побрзо во Западен Балкан во споредба со ЕУ.
Односот на минималната плата и просечната плата е над 50 отсто во три земји во регионот, односно во Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, се наведува во извештајот на Светската банка.
