Гасификација

Намалена цената на гас, се враќаат потрошувачите

21.10.2023 10:37

Намалената цена на гас повторно привлечна за потрошувачите. Од кумановското претпријатие задоволни, се враќаат корисниците. За разлика од претходната сезона кога цената за метар кубен достигна рекордни 150, сега во моментов изнесува 58 денари. Во оваа општина продолжува да се шири и дистрибутивната мрежа...

Почна грејната сезона во Куманово. Цената за метар кубен гас во моментов изнесува 58 денари. Од јавното претпријатие задоволни, велат се враќаат корисниците. Потпишани се договори со училиштата, градинките, јавните институции, болницата, домот за стари, но и приватни лица. Затоплувањето на овој енергенс засега е поевтин за 20 до 30 денари во споредба со нафтените деривати. Се користат и субвенциите за приклучок кои што ги доделува министерството за економија и Општина Куманово.

„Моментално имаме околу 30 нови приклучоци очекуваме последниве 13 дена додека трае субвенцијата од Владата да стигнеме до некоја бројка до 100. Очекуваме овие две недели сите тие да дојдат кај нас, да потпишеме договори што би било скоро дуплирање на приватните потрошувачи што ги имавме до почетокот на оваа грејна сезона“, истакна Марко Митровски, директор ЈП „Куманово гас“.

Претходната сезона поради енергетската криза цената на гас достигна и до 150 денари, поради што голем број граѓани одлучија да бараат друг начин на затоплување.

Стручните лица информираат дека затоплувањето со гас не може да се споредува со ниту едно друго гориво. Истото е значајно и за справување со аерозагадувањето.

Кумановското претпријатие продолжува да ја шири дистрибутивната мрежа. Се работи во делот на средното техничко и двете основни училишта и интернатот, кои се очекува да бидат идни големи потрошувачи. Тие се надеваат дека цената ќе продолжи да се движи во надолна линија, но и засега е прифатлива во споредба со останатите енергенси.

 

Елена Георгиевска