Привршува огласот од ИПАРД 3 програмата
Привршува пријавувањето за првиот повик за средствата од ИПАРД 3 програмата. Преку оваа програма како неповратна помош од Европската унија се обезбедени 97 милиони евра. Средствата ќе може да се користат до 2027 година. Парите се наменети за инвестиции во земјоделски стопанства и во развој на бизниси …

Уште неколку денови остануваат до последниот рок за доставување на барања за користење на финансиски средства по 2 мерки од ИПАРД 3 Програмата. Парите се наменети за инвестиции во основни средства во земјоделските стопанства и за развој на бизниси во руралните средини.
Кај мерката 1 како корисници се јавуваат земјоделски стопанства запишани во регистарот на Министерството, кои може да бидат физички, правни лица и задруги или здружени правни лица. Минималната вредност на прифатлива инвестиција е 20.000, а максималната 750.000 евра.
Кај втората мерка приоритетни сектори се алтернативно земјоделско производство, преработка на алтернативни земјоделски производи, производство на прехранбени производи и пијалоци, производство на не-прехранбени производи, поддршка на занаетчиски активности и услуги за рурално население. Минимална вредност на предложен проект изнесуваат од 10.000, а максимална 600.000 евра.
Информации за подготовка и практични совети за аплицирање, заинтересираните земјоделски производители можат да добијат бесплатно во регионалните центри на Агенцијата за поттикнување на развој во земјоделството.
Јавниот повик ќе трае до 30-ти октомври.
Методија Трајков
