Ковачевски: Со успешна политика во најголемата економско-енергетска криза, обезбедивме непречено снабдување со струја
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во одговор на пратеничко прашање на денешната собраниска седница, говореше за економските и енергетските политики на Владата, во време на најголемата економска и енергетска криза, кои продолжуваат и во периодот кој следи...

Владата на Северна Македонија водеше успешна политика од почетокот на економската и енергетска криза, пред сè во делот на обезбедувањето на електрична енергија без никаков прекин во текот на целата измината година. Сетот на мерки вклучуваше и парична помош за социјални случаи, невработени, пензионери со ниски пензии, справувањето со последиците од енергетската и економска криза беше оценето и од Светска Банка, како најголем пакет на антикризни-мерки наменети за граѓаните. Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во одговор на пратеничко прашање на денешната собраниска седница, говореше за економските и енергетските политики на Владата, во време на најголемата економска и енергетска криза, кои продолжуваат и во периодот кој следи.
„Нашата земја водеше успешна политика од почетокот на економската и енергетска криза, пред сè во делот на обезбедувањето на електрична енергија без никаков прекин во текот на целата измината година. Но, исто така, континуирано креиравме мерки за обезбедување на субвенции и финансиски средства за најранливите категории на граѓани како и субвенционирање на цената на електрична енергија, која е обезбедена за сите домаќинства и за сите компании на регулираниот пазар кои вработуваат над 90% од вработените во државата. Таа цена на електрична енергија беше субвенционирана од страна на државата со 80%. Северна Македонија имаше најголем пакет на анти-кризни мерки во износ од 760 милиони евра, што го потврди и Светска Банка во однос на сите земји во регионот, а кој беше наменет за поддршка за граѓаните и за поддршка на компаниите, во делот на справувањето со економската и енергетска криза“, рече премиерот.
Кризата беше искористена да се претвори во можност за зголемување на домашното производство на електрична енергија, па дури како држава и да извезуваме струја во текот на најтешкиот месец, јануари оваа година.
„Од Република Северна Македонија создаваме Зелен енергетски хаб во регионот и Европа и тоа може да го потврдат сите анализи кои се прават во оваа област. Нашата стратегија за развој на енергетиката до 2040 година е целосно заснована на европскиот зелен договор и веќе ја спроведуваме во земјата. Владата која ја предводам, ќе остане запаметена како Влада во чиј мандат е инсталирана најголема моќност на обновливи извори на енергија во историјата на нашата држава“, истакна претседателот на Владата.
Владата продолжува со реализација на Програмата на Владата за периодот 2022-2024 година, а тоа е енергетска транзиција и одржливост, што на долг рок ќе придонесе за зголемување на домашното производство на електрична енергија преку инвестиции во нови енергетски инфраструктурни проекти.
Претседателот на Владата Ковачевски говорејќи за идните планови истакна дека целта на Владата е и целосно гасифицирање на државата.
