УЈП

Најмладиот милионер во Македонија има само 9 години, највозрасниот 97 години

31.10.2023 12:25

Деветгодишник е најмладиот милионер, највозрасниот има 97 години – покажуваат податоците од даночните пријави за календарската 2022 година. На 24-ти ноември ќе се блокираат сметките на оние кои не платиле солидарен данок...

Деветгодишник е најмладиот милионер во земјава. На негово име има 1 милион денари од закупнина. Највозрасниот, пак, има 97 години и минатата година остварил доход од 1,2 милиони денари, по однос на пензија и доход од извршена работа.

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска обелодени дека најголемата месечна бруто-плата минатата година била во дејноста трговија на големо со тутун и изнесувала 195.000 евра.

„Според податоците, најголемиот број на граѓани, односно 617.854 лица оствариле бруто-доход кој се движи во прагот од 100.000 до 1 милион денари, додека 62.455 граѓани оствариле бруто-доход над 1 милион денари“, рече Лукаревска.

Од данокот на солидарност, до сега се собрани 2,21 милијарди денари, или околу 36 милиони евра, но 50-тина компании, од вкупно 150 обврзници, сè уште го немаат подмирено. 257 милиони денари е најголемиот поединечен износ платен за данок за солидарност. Лукаревска додаде дека меѓу оние кои немаат платено има и јавни претпријатија.

„Согласно нашиот календар, на 6-ти ноември ќе ги доставиме опомените. Доколку и по тоа нема направено уплата, на 24-ти ноември ќе пристапиме кон блокирање на нивните сметки“, рече Лукаревска.

Директорката на УЈП говореше и за полициската акција „Синџир“, при што повеќе бизнисмени се приведени. Рече дека уште пред околу три месеци алармирале со МВР за злосторничкото здружување на новоформирани компании кои сметководствено евидентирале фиктивен поврат, па со соодветни компензации го изиграле системот.

 

 

 

Катерина Топалова