Бугарската такса за руски гас ќе ги поскапи струјата и парното
Бугарската такса за руски гас ќе ги поскапи струјата и парното за 20 насто. Владата бара решение, во спротивно постапката може да се пресели пред меѓународниот суд, вели премиерот Ковачевски. Експерти апелираат што побрзо да се изгради интерконекторот кон Грција …

Воведувањето на бугарската такса за гас кој го увезуваат од руски „Гаспром“ се заканува да ја зголеми цената на струјата и парното, и до 20 проценти, вели премиерот Ковачевски. И тој и министерот за економија, Бектеши реагирале до Европската комисија преку претседателката Фон дер Лајен. Власта се надева дека ќе се најде компромис, но, во спротивно, постапката може да се пресели пред меѓународен суд.
Ако не се укине таксата, поскапувањето може да достигне и до 50 отсто, во зависност од тоа како ќе се движи цената на гасот на берзата-вели професорот по енергетика, Антон Чаушевски. И да се субвенционира, тоа би било само краткорочно решение, додава тој.
За оваа такса, Бугарија доби дозвола од Европската комисија, а собраните средства ќе ги користи за сопствени потреби. Софија очекува 1,5 милијарди евра годишен приход од таксата.
Александра Велинова
