Земјоделство

Над 1.700 хектари ниви одат под закуп

02.11.2023 07:58

Повеќе 1.700 хектари државно земјоделско земјиште оди под закуп. Парцелите се со големина над 3 хектари во 13 региони низ државата. Рокот за поднесување на апликациите е 30 дена од објавувањето на огласот на 27-ми октомври годинава.

Државата нуди под закуп вкупно 1.776 хектари земјоделско земјиште, распоредени во 13 региони низ државата. Парцелите се со големина над 3 хектари. Наменети се за подигнување на долгогодишни насади, ливади и рибници, за поставување на пчелни семејства, за брзорастечки растенија и други култури.

Идните закупци парцелите ќе ги добијат на користење за период од 15 до 70 години во зависност од насадите и посевите што ќе ги одгледуваат. Право на учество имаат домашни физички и правни, и странски правни лица кои мораат да достават и банкарска гаранција за учество на јавниот оглас во висина на понудена деветмесечна закупнина.

Почетната цена е од 15 до 120 евра за хектар во зависност од катастарската класа и местоположбата на земјиштето.

Еден земјоделец со доставување на една понуда може да аплицира за еден или за повеќе региони.

Огласот за закуп трае 30 дена од неговото објавување, односно од 27-ми октомври годинава, а изборот ќе биде по пат на електронско јавно наддавање.

 

Матодија Трајков