Инфраструктура

Ќе се раскинува договорот со изведувачот на автопатот Охрид- Кичево

02.11.2023 17:11

Конечно е јасно дека нема да биде испочитуван рокот за изградба на автопатот Охрид- Кичево. Од Охрид премиерот Димитар Ковачевски најави дека ќе се прави ревизија за досегашното работење на овој инфраструктурен проект при што посочи дека ќе биде раскинат договорот со изведувачот …

Сметам дека е недозволиво еден автопат од 40 километри да се гради повеќе од 10 години и сè уште да не биде направен, а притоа да се бара повторно продолжување на договорот ако знаеме дека тој е изгласан од пратениците и претставува закон. Ова во Охрид го изјави претседателот на Владата, Димитар Ковачевски при што посочи дека и по една деценија не е пуштен во употреба ниту еден метар од оваа делница.

Премиерот Ковачевски најави дека ќе побара да биде извршена ревизија на проектот за изработка на автопатот Охрид-Кичево, по што ќе биде донесена одлука дали да се раскине договорот со изведувачот. Воедно тој најави дека ќе бара одговорност поради доцнењето со изградба на овој капитален објект.

„Апсолутно дека таа ревизија ќе покаже точно кои се елементите коишто предизвикале да има толкаво доцнење на патот. Едно е ревизија којашто би ја направила Државната ревизија, меѓутоа ќе треба да се направи во иднина и ревизија на проектирањето коешто практично е нешто што го прават специјализирани компании за да се види точно зошто се има случувано доцнењето“, изјави премиерот Ковачевски.

И стопанствениците чија област е градежништвото при Стопанската комора сметаат дека доцнењето со изградбата на автопатот премногу доцни.

„Нашиот став е дека премногу долго се гради, дека премногу проблеми се, дека административно законските пречки со кои се соочивме таму на изградба на автопатот беа огромни. Имавме проблеми огромни со документацијата, но сепак за ова прашање не сум повикан да одговорам, затоа што објектот го изведува странска компанија“, изјави Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежници при Стопанска комора.

Како што рече Серафимовски, тие ќе сторат сè да ги заштитат интересите на македонските компании кои работат како подизведувачи, кооперанти и доставувачи на материјали на тој објект.

Сашо Нелоски