Македонија чека одговори за бугарската такса за транзит на руски гас
Земјава сè уште без одговор од Брисел и Софија за бугарската такса за транзит на руски гас. Владата не се откажува од барањето да се ослободат капацитетите...

Македонија сè уште нема одговор од Брисел за европската такса за транзит на руски гас. Европската Комисија го усвои барањето на Бугарија за таксата којашто ја наметнуваат кон Газпром, но сè уште не е јасно дали Газпром ќе ја прифати таа такса и што тоа ќе значи.
„Ние инсистираме на ослободување на капацитети, за да не бидеме директно погодени но секако, ако тоа се случи, како што најави премиерот, ние сме спремни, затоа што последицата е зголемена електрична енергија и зголемени трошоци за нашите компании“, изјави Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија.
Бугарија на 13-ти октомври воведе такса за транзит на рускиот гас низ нејзина територија во висина од 10 евра за мегават час, од која очекува годишен приход од 1,2 до 1,5 милијарди евра, средства кои, како што најави минатата недела бугарскиот премиер Николај Денков, би можеле директно да завршат во Буџетот на ЕУ. Воведувањето на таксата предизвика реакции во Белград и Будимпешта кои тврдат дека таа ќе резултира со поскапување на рускиот гас за 20 отсто за крајните корисници.
Во однос на кроењето на буџетската каса, Битиќи најави дека ќе се крати од повеќе непродуктивни трошоци.
Во однос на намалувањето на функционерските плати, Битиќи рече дека тоа не може да оди веднаш, бидејќи за тоа да се смени, потребно е да се променат седум закони.
Она што со сигурност најавува е дека нема да има ново покачување кај функционерите.
„Беше најавено дека заради методологијата, следната година сите именувани функционери ќе добијат повисоки плати, тоа нема да се случи следната година“, додаде Битиќи.
Битиќи вели дека сите кратења ќе бидат во корист, буџетскиот дефицит конечно да се донесе како што е испланиран во среднорочниот план.
Катерина Топалова
