Економија

Битиќи се обрати на настанот за промоција на финансиски продукти од проектот „Зелен финансиски инструмент“

03.11.2023 14:22

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се обрати на настанот за промоција на финансиски продукти од проектот „Зелен финансиски инструмент“, кој се имплементира во соработка со агенциите на Обединетите нации, УНДП, ИОМ и УНЕЦЕ и ЕБРД...

Во неговото обраќање, вицепремиерот Битиќи рече дека за него, овој проект е исклучително значаен бидејќи е начинот на кој можеме да имаме реален инпакт кон постигнување на нашите заеднички цели од Агендата 2030, за што во септември на 78-то Генерално собраните на Обединетите нации, се усвои Политичката декларација за забрзување на имплементацијата на Целите за одржлив развој од сите земји членки на Обединетите нации.

Во неговиот говор, вицепремиерот Битиќи рече дека Зелениот финансиски инструмент, кој започнува од денеска и ќе се имплементира до април 2026 година, има на располагање 46 милиони евра кои ќе бидат пласирани преку комерцијалните банки, кои се наменети и ќе можат да ги користат малите и средни претпријатија и граѓаните од ранливите категории. „Практично, средните и малите компании и граѓаните, со фокус на недоволно опфатените категории, ќе можат преку комерцијалните банки да имаат пристап до кредити со грантова компонента со кои ќе можат да инвестираат во топлински пумпи, инвертери, клима уреди, котли, сончеви колектори за топла вода, фотоволтаици, меѓу останатите продукти. Покрај ова, за олеснување на процесот и осигурување на правилно искористување на средствата, ним ќе им биде на располагање и бесплатна техничка помош. Овие 46 милиони евра се финансирани од глобалниот Заеднички фонд за Целите за одржлив развој или Joint SDG fund, Европската банка за обнова и развој, комерцијалните банки и Владата на Репбулика Северна Македонија“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи објасни дека ова е финансиски механизам преку кој целиот екосистем на банки, продавачи на производи и даватели на услуги и Владата, се стимулираат да работат заедно со различни засегнати страни за да се обезбеди потребната финансиска и техничка поддршка што ќе ја забрза транзицијата кон иновативни решенија за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. „Зелениот финансиски инструмент ќе отклучи приватен тек на капитал од финансиски институции, мали и средни претпријатија, односно бизнис секторот, а ќе се помогне и на домаќинствата, со фокус на ранливите категории на граѓани“, рече Битиќи.

Во неговиот говор, вицепремиерот Битиќи се осврна и на целите кои треба да се достигнат преку овој проект, а се засноваат на Националните стратешки документи, како Стратегија за развој на енергетиката и со ревидираниот „Национален придонес за климатските промени“, но истовремено и со Европскиот Зелен договор, а тоа особено е важно во отпочнувањето на скрининг процесот на поглавјата во процесот на пристапувањето кон Европската унија.

„Со оглед на тоа што енергијата и климатските промени како и загадувањето на воздухот се меѓусебно поврзани, и овој проект, вистина го гледам како одлична можност за совладување на заедничките предизвици. Благодарам на сите што дадоа свој придонес во овој проект и верувам дека заедно ќе постигнеме значителни успеси“, заклучи вицепремиерот Битиќи.