Инфраструктура

Автопатот Кичево- Охрид црна точка на македонското градежништво

03.11.2023 14:49

Експертите и градежниците денеска во Охрид, расправаа за доцнењето и проблемите при изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Преовладуваше ставот дека овој капитален објект предолго се гради при што како главни причини беа наведени лошиот квалитет на проектната документација, геотехничките ископувања, експропријацијата и неефикасните административни постапки...

Автопатот Кичево-Охрид е пример како не смееме во иднина да планираме, да проектираме и градиме. Ова беше речено на панел дискусијата за овој капитален објект на Првата конференција за патна инфраструктура, при што беше посочено дека се работи за 10 години проектирање, уште 10 години години изградба на трасата долга 57 километри и дека сè уште е неизвесно кога ќе се реализира овој проект.

„Со отпочнување на градежните активности за широк ископ на траса беше констатирано дека станува збор за променлива геологија на теренот. Изведените косини со наклони предвидени во основните проекти во најголема мера пројавија одредена нестабилност и на одредени делови на трасата ваквата нестабилност е изразена во значителна мера што истото се манифестира во форма на свлечишта“, изјави Дарко Пешевски – ЈП за државни патишта.

Како главни фактори кои негативно влијаат врз изработка на сите големи инфраструктурни објекти во земјава експертите ги посочуваат: Проектната документација, дополнителните работи заради недостатоци во неа, препроектирањето, експропријацијата и законската регулатива.

„Мое лично согледување е дека ова десетгодишно мачење се должи на два аспекти, значи причините се двократни. Првите се технички причини коишто се директно поврзани со квалитетот на проектната документација што веќе имплицитно беше и од колегата Дарко споменато, меѓутоа и неефикасните административни постапки и одлуки, коишто земаат многу време“, изјави проф. д-р Јосиф Јосифовски-универзитетски професор.

Зачудувачки беше тоа што денеска експертите не беа расположени да даваат изјави надвор од панел дискусијата правдајќи се дека не се доволно запознаени со овој проект.

Професори од градежниот факултет од Скопје кои сакаат да останат анонимни велат дека проектната документација за патната инфраструктура на автопатот Кичево-Охрид е конечно завршена во 2021 година, но не знаат зошто работите на автопатот не се интензивираат.

 

Сашо Нелоски