Македонија

Во фокусот на центарот на Југозападниот плански регион проектите за енергетска ефикасност

05.11.2023 13:48

Во Југозападниот регион во земјава засилено се работи на проекти за енергетската ефикасност. Годинава се извршија реконструкции и се поставија термо фасади на 14 објекти – училишта и општински згради во седум општини. Енергетската криза ги натера општините да размислуваат за обновливи извори на енергија, се поголем е интерсот за фотоволтаични системи …

Енергетската криза ги притисна општините да размислуваат за обновливи извори на енергија. Во фокусот на Центарот на Југозападниот плански регион се проектите за подобрување на енергетската ефикасност. Годинава се реконструираа 8 објекти, училишта и општински згради, а на 6 објекти се поставија системи за фотоволтаици.

Следната година проектите на Центарот на Југозападниот регион чинат 1 милион евра, од кои најголем дел повторно се наменети за енергетска ефикасност.

„Во 2024 година практично е продолжување на активности со нови проекти повторно имаме енергетска ефикасност. Значи повторно најголем дел ќе бидат јавни објекти, училишта реконструкција со замена на кров, фасада, столарија. Друг проект заради енергетската криза ќе биде поставување на фотоволтаици“, вели Мирјана Лозановска директор на Центарот за развој на Југозападен плански регион.

Изминативе пет години Центарот за развој на Југозападниот плански регион реконструираше 50-тина јавни објекти, а бенефитот е заштеда на електрична и топлинска енергија.

„Најважно од се со оглед на енергетската криза е намалување на трошоците за нафта, бидејќи еден дел од нив се греат на нафта и за електрична енергија. Проценката е дека најмалку 30% ќе им се намалат трошоците за загревање на објектите“, додава Лозаноска.

Вкупната вредност на проектот за енергетска ефикасност во Југозападниот регион годинава изнесува 36,8 милиони денари.

 

Соња Рилковска