Претставници на „Синохидро“ на средба со Рустеми, ревизијата на автопатот Кичево-Охрид е во тек
Ќе има ли ревизија на проектот за автопатот Кичево – Охрид? Премиерот Ковачевски најави и можно раскинување на договорот. Претпладнево, претставници на кинеската компанија „Синохидро“ на средба во државни патишта…

Откако премиерот Ковачевски најави ревизија на проектот за автопатот Кичево – Охрид, оти и по 10 години и фрлени над 600 милиони евра делницата сè уште не е пуштена за сообраќај, според нашите информации, претпладнево, претставници на кинеската компанија „Синохидро“ биле на средба со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.
МТВ стапи во контакт со државниот ревизор, Максим Ацевски. Тој ни појасни дека ревизијата не само што не почнува, туку практично таа веќе се работи и завршува, а денеска на терен се земаат мостри.
Ова е практично втора ревизија на проектот. Државниот завод за ревизија во годишниот извештај од 2021-ва година веќе ги претстави информациите за извршена ревизија на овој проект што го опфаќа периодот од 2013-та до 2021-ва година. Со неа се опфатени три анекси на договорот, со коишто и се продолжи рокот за изведба и се зголеми вредноста на дополнителните работи. Таму е наведено дека во 2013-та година, договорот е склучен на сума од 411 милиони евра, па со анексите од 2019-та и 2022-ра година, сумата веќе надминува 600 милиони евра, а рокот е продолжен до 31-ви декември годинава, што очигледно дека е рок што повторно нема да биде запазен.
Како можност е најавено и евентуално раскинување на договорот со „Синохидро“. Премиерот Ковачевски рече дека е несфатливо како и по 10 години, не може да се изгради делницата од 57 километри. Досега единствено е пуштен во употреба потегот од Требеништа до Охрид.
Домашни градежници досега неколкупати укажуваа на низа грешки и пропусти. Проблематична е и самата траса, којашто минува низ десетина свлечишта.
Евентуалното раскинување на договорот со „Синохидро“ ќе значи дека треба да се бара нов изведувач што ќе треба да ги заврши работите. Изградбата на автопатот почна во 2013-та година, и иако првично требаше да заврши во 2019-та година и да чини 411 милиони евра, досега вкупната сума достигна 600 милиони евра.
Мартин Пушевски
