Ревизија на проектот за автопатот Кичево – Охрид
Ангажиран е експерт што треба да направи анализа на договорот за автопатот Кичево – Охрид и да понуди решенија за идните чекори – откриваат од Транспорт и врски. Одлука ќе се носи до крајот на годинава. На терен – нови проблеми. Појавени се единаесет свлечишта на трасата...

По најавата на премиерот за ревизија на проектот за автопатот Кичево – Охрид и можното раскинување на договорот со „Синохидро“ поради тоа што и по 10 години и потрошени над 600 милиони евра, делницата сè уште не е пуштена за сообраќај, Министерството за транспорт и врски открива дека е ангажиран експерт што треба да направи анализа на договорот и да понуди решенија за идните чекори. Одлука ќе се носи до крајот на годинава. На терен – нови проблеми.
„Појавени се единаесет нови свлечишта на трасата и поради тоа ќе се ангажираат меѓународни експерти кои ќе дадат предлог-проектантски решенија и мислење за целокупниот проект“, соопштија од Министерство за транспорт и врски.
Државниот завод за МТВ појаснува дека ревизија на проектот веќе се прави и е во финална фаза. Ова е втора ревизија откако проектот се најде во годишниот извештај на ревизорот за 2021-та, каде е наведено дека трите анекси на договорот го пролонгираа и рокот на изведба и ја зголемија сумата од првичните 411 на над 600 милиони евра.
Според последниот анекс на Договорот, конечниот рок за изградба на автопатот е 31.12.2023 година, значи помалку од два месеца и веќе е јасно дека нема да се стигне ниту со овој рок, имајќи предвид дека досега се завршени околу 80% од работите.
Од делницата долга 57 километри, досега е пуштен само потегот од Требеништа до Охрид. Автопатот почна да се гради во 2013-та и требаше да биде готов за шест години, но и по 10 години и низа тврдења за направени пропусти, меѓу Кичево и Охрид нема автопат.
Мартин Пушевски
