Финансии

МФ: Потпишан Меморандум за соработка со Обединетото Кралство

07.11.2023 11:38

Управата за финансиска полиција ги зајакнува своите капацитети во борбата со организираниот криминал. Со поддршка од Обединетото Кралство Управата ќе добие нов современ систем кој ќе ги дигитализира процесите...

Управата за финансиска полиција ги зајакнува своите капацитети во борбата со организираниот криминал. Со поддршка од Обединетото Кралство Управата ќе добие нов современ систем кој ќе ги дигитализира процесите, а тоа ќе овозможи побрз проток на информации во рамки на институцијата и размената со други институции, носење поквалитетни одлуки и сето тоа до поефикасно дејствување во справување со организираниот криминал.

За реализација на овој проект денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу директорот на Управата за финансиска полиција Горан Иванов и Регионалниот менаџер за Западен Балкан во Даночната и царинска управа на Обединетото Кралство Дарен Пертриџ. На потпишувањето присуствуваа министерот за финансии Фатмир Бесими и амбасадорот на Обединетото Кралство Метју Лосон.

Амбасадорот Лосон посочи дека целта на овој Меморандум е да го определи веб-базираниот мултиплатформски систем за управување со содржини (Enterprise Content Management System) со алатки за управување со случаи (Case Management Tools) и лиценци кои ќе бидат доделени од страна на Даночната и царинската управа на Обединетото Кралство (HMRC) на Управата за финансиска полиција на Северна Македонија во исполнување на целите за спречување и откривање на економскиот, финансискиот и организираниот криминал и во дефинирање на одредбите за неговото користење и одржување.

Тој додаде дека системот ќе овозможи и забрзување на предистрагите преку филтрација на релевантни докази. Самото решение, рече тој, има за цел намалувањето на секојдневните трошоци и зголемувањето на ефикасноста на вработените.

Регионалниот менаџер во Даночната и царинска управа на Обединетото Кралство потенцира дека Даночната и царинската управа на Обединетото Кралство негува долга и конструктивна соработка со Северна Македонија и таа отсекогаш била многу продуктивна.

Новиот систем во Управата е донација од Обединетото Кралство кое се реализира преку Амбасадата на ОК во земјава, а се имплементира од Даночната и царинската управа на ОК. 

Тоа претставува софтверско решение кое ќе го зголеми оперативниот капацитет на Управата за финансиска полиција за подобро следење и откривање на организираниот криминал и ќе ја подобри ефикасноста на процесите и процедурите со што ќе ги подобри перформансите во борбата против сериозниот и организиран криминал, стои во соопштението од Финансии.