Ковачевски: Владините мерки даваат резултати
Премиерот Ковачевски очекува инфлацијата до крајот на годината да биде под шест проценти. Идната недела нов пакет антикризни мерки, а се очекува и Владата да го усвои и законот за нефер трговски практики и да го достави до Собранието...

Инфлација од 3,4 проценти, пад на трошоците за живот. Државниот завод за статистика ги објави бројките за октомври. Споредбено со септември намалување на трошоците има кај млекото, јајцата, овошјето и зеленчукот, сирењето, месото, лебот, раст кај шеќерот, морските плодови, чоколадото, кафето. Премиерот Ковачевски оцени дека владините мерки ја преполовиле инфлацијата. Оптимист е оти до крајот на годината ќе се сведе под шест проценти.
Граѓаните ќе купуваат производи по пониска цена до крајот на годината. Владата одлучи наместо до 30-ти ноември, мерката гарантирана цена да важи до 31-ти декември. Граѓаните, пак, сметаат дека намалувањето не е доволно и требаат нови мерки.
Со Предлог- законот за нефер трговска практика цените на производите дополнително ќе се намалуваат, уверува министерот Бектеши. Во економија се стигнати забелешките од коморите, производителите и дистрибутерите. Наредната недела ќе падне одлука што ќе биде прифатено и вметнато во законското решение.
Во финална фаза е и новиот пакет антикризни мерки кои според најавите ќе бидат објавени наредната недела.
Викторија Милевска
