Тутун

Лиценци за проценители на тутун

08.11.2023 08:45

За да можат да бидат присутни на секоја вага за време на откупот на тутунот, проценителите мора да имаат лиценци. Пријавувањето за испитот ќе трае до 20-ти ноември, а полагањето и проверката на стручноста ќе се врши во Институтот за тутун во Прилеп...

Во тек е пријавувањето за полагање на испитите за добивање на лиценци за процена на тутунот. Крајниот рок за поднесување на документите е до 20-ти ноември.

Пред полагањето на испитот заинтересираните кандидати мора да посетуваат обука која ќе се одржи од 4-ти до 8-ми декември и да добијат потврда од Институтот за тутун во Прилеп.

Кандидатите дополнително ќе бидат известени за денот на посетување на обуката и денот за полагање на испитот, како и за трошоците за полагање на испитот.

Кандидатите мора да имаат завршено најмалку средно училиште.

Оние кои немаат соодветно високо, вишо или средно образование, а конкурираат за проценители, треба да се производители на тутун најмалку во последните пет години и треба да достават документ или потврда за откуп на тутунот од претпријатието со кое склучувале договори.

Тутунарите кои немаат соодветно образование треба да приложат потврда од фирмата за работно искуство во областа на технологијата за производство и обработка на тутун. Со високо образование треба да имаат две години работен стаж, со вишо три години, а со средно образование треба да имаат четири години работен стаж.

Според Законот, на секоја вага покрај производителот, мора да има по еден проценител од страна на откупувачот и еден од тутунско здружение.

 

Методија Трајков