Економија

Народна банка ги претстави есенските проекции

09.11.2023 17:31

Народна банка ги претстави најновите есенски проекции. За годинава се проектира раст на БДП од 1,9%, в година 3. Очекувањата се дека инфлацијата во 2024-та значително ќе се намали...

Македонската економија умерено забавува, годинава ќе ја заврши со раст од 1,9 проценти. Есенските проекции на Народната банка со надолна корекција за Бруто домашниот производ, и пооптимистичко сценарио за закрепнување на среден рок од 3,5 до четири насто. Годишната инфлација е предвидено да изнесува 9,5. Стабилизирање на посакуваното ниво од два насто ќе има на среден рок, според креаторите на монетарните политики како резултата на ревидирање на основната каматна стапка во 14 наврати. Девизните резерви се на солидно ниво, денарот во сигурна зона – вели гувернерката Ангеловска Бежоска.

„Екстерната позиција оваа година е значајно подобра во споредба со истиот период од минатата година, но и од нашите проекции. Тоа упатува дека девизните резерви во континуитет продолжуваат да растат и тоа е јасно видливо на девизниот пазар каде Централната банка годинава интервенираше со нето откуп на девизи за разлика од претходните две години кои беа под силно влијание на кризниот период и кога се интервенираше со нето продажба“, истакна Ангеловска Бежоска.

Гувернерката повикува да се внимава на натамошна финансиска консолидација, намалување на буџетскиот дефицит и на јавниот долг. Укинувањето на антикризните мерки и зголемувањето на платите може да биде дополнителен притисок за зголемувања на инфлаторните движења.

Ризици според креаторите на монетарната политика во земјава остануваат глобалните случувања поради воените конфликти и неизвесноста по прогласената рецесија на нашиот најголем трговски партнер Германија.

 

Сузана Фиданска Стоевска