Обединување, не поделби

02.08.2026 16:01

Премиерот Христијан Мицкоски од Пелинце порача дека Владата нема да прави компромиси со националните интереси.

Предавство на штета на државата нема да направам по ниедна цена – премиерот Мицкоски со празнична порака од Пелинце. Повтори дека оваа влада нема да оди по стапките на претходната и нема да се прават компромиси со националните интереси.

Татковината денес не е државата за која сонуваа илинденците и асномците и затоа, наша битка е, рече премиерот да ја вратиме просперитетна Македонија.

Задача на Владата не е само да управува со институциите, туку и да ја врати довербата во системот, а законите да важат подеднакво за сите граѓани, рече Мицкоски во говорот.

Да не се дозволи децата да растат слушајќи дека единствен успех е да заминеш од земјава, а најголема амбиција на младите да биде билет во еден правец. Големите народи стануваат големи кога во најтешките времиња веруваат во себе наместо на своите стравови, рече премиерот и додаде дека токму тоа се огледува во духот на Илинден.

Ќе останеме исправени кога е најтешко, обединети кога ќе се обидат да не поделат и достоинствени кога ќе сакаат да не понижат, порача шефот на Владата.

Тој вели дека нема отстапување од идеалите на Илинден и АСНОМ, не затоа што тие се наше минато, туку затоа што се темелот врз кој ја градиме иднината.

Анита Димитријевска – Велковска