Сирачиња на еболата: Ја преживеаа смртта, сега треба да се справат со животот
Судбината си поигра со децата чии родители умреа од ебола. Отфрлени се и од најблиските. Живеат сами со себе...

Во безимени гробови или затворени во карантин... Светот всушност не го виде лицето на смртоносниот вирус, освен можеби во очите сирачињата на еболата. Промес, Бенсон и Емануел ги загубија двајцата родители и братчето. Сестричката им ја однеле во карантин и не знаат дали е уште жива.
„Децата се потресени од нешто што им е тешко да го разберат и на возрасните. Луѓе во астронаутски костуми доаѓаат да ги земат болните, нивните родители или уште полошо“, вели Сара Кроу, УНИЦЕФ.
Овие мали борци треба да се соочат со светот сами, не дошле да ги видат дури ни бабите и дедовците, соседите бегаат од нив или вртат по подолгиот пат до бунарот. Стравот од еболата расте со непознавањето на болеста.
„Кога одам некаде, го мијат и го прскаат столот пред да седнат на него. Никој не сака да земе пари од нас. Живееме овде сосем сами“, вели Промес Купер, сираче на еболата.
Сирачињата на еболата опстануваат само благодарение на хуманитарните активисти. Тие им носат храна и доаѓаат на пријателски збор-два. За среќа, пред преживеаните се отвора нова шанса – развиле имунитет, па по обуката на Обединетите нации, тие ќе бидат новиот медицински персонал што ќе се грижи за заразените.
„Правиме големи напори за поддршка на сирачињата. Во карантинските центри за нив се грижат преживеани кои можат да им пружат човечки допир што е многу потребен во ваква ситуација“, додава Сара Кроу, УНИЦЕФ.
Бројката на Обединетите нации од 3.700 сирачиња е веројатно потценета и нивниот број продолжува да расте во епицентарот во Западна Африка.
Ивана Салтировска
