Намаленото производство ја зголеми цената на ајварката
Многу семејства есенва ќе останат без традиционалниот ајвар. Цените на куртовската капија, со привршувањето на откупот, се зголемуваат што подготовката на ајварот ја прават неисплатлива...

Откупот на куртовската капија доаѓа при крај. Временските услови го десеткуваа производството. Честите дождови и лошите климатки прилики создадоа болест кај ајварката поради што приносите се далеку под очекуваните. Со откупни цени кои достигнаа максимум до 40 денари, капијата добро се продаде, но малопродажната цена сега е многу висока што го прави домашното производство на ајвар скапо.
„Па ние кога правевеме беше евтино, сега е поскап.“
„Тогаш кога правевеме ајвар беше 20 денари, сега нема толку ајварка и е поскапа“, велат граѓаните.
И стручната помош на агрономите не успеа да ја спаси ајварката од катастрофа во количините и квалитетот.
Од најголемиот откупен центар велат дека годинава откупот е под сите очекувања. Откупиле околу 1000 тони куртовска капија.
Струмица важеше за регион кој дава половина од вкупното производство на ајварка кое во година тежело и по 70 илјади тони.
„Кај нас годинава се откупени околу 1000 тони, што е далеку од планираното. Нашите планови беа многу поголеми. Се надеваме дека бргу ќе ја заборавиме оваа година“, вели Горан Василев од Агрофруктус Струмица.
Освен на македонскиот, куртовската капија и годинава е пласирана на пазарите на поранешните југословенски републики.
Катерина Давчева
