Дали Македонија треба да ја промени часовната зона?!

27.10.2014 16:56

Придобивките би биле зголемен ден и лете и во зима, ќе се стемнува еден час подоцна што ќе овозможи зголемена продуктивност на населението. Мислењата се поделени...

На која часовна зона и припаѓа Македонија. Географски на оваа во која се наоѓа, еден час подоцна од Гринич, во која часовникот се мери според средноевропско време. Но дел од територијата на земјата е во следната часовна зона, како Бугарија и Грција. 

Надлежните подолг период ја испитуваат можноста од промена на часовната зона.

Придобивките би биле зголемен ден и лете и во зима, ќе се стемнува еден час подоцна што ќе овозможи зголемена продуктивност на населението. Мислењата се поделени.

„Турција, Бугарија, Грција, пред се бидејќи стоката се движи преку тие земји, а новите инвестиции, како и најавата на се поголем број турски инвестиции, исто така култура, студенти, образование... така што пред се бројките анализираат подобро од бизнис заедницата“, вели Миле Бошков, претседател на Конфедерација на работодавачи.

Од друга страна компаниите кои соработуваат со Унијата, не се многу расположени за менување на зоната. На нивна страна се и географите.

„Малку нелогично ќе биде во тектот на јунскиот период бидејќи денот ќе завршува во 22 22:15 часот, што не е согласно нашите навики, посебно на повозрасните групи на луѓе, за ориентација на нашиот биоритам, кога се очекува во 21 часот или 21:30 да се заспива и да се следи ритамот на природата“, смета професорот по географија, Ивица Милевски.

Дали земјава треба да се врати во зоната на Бугарија и Грција, властите побараа мислење од МАНУ, Стопанските комори, Универзитетите, Бирото за метрологија, но за да има промена, конечна одлука не е донесена.

 

Анита Димитријевска