Потврден изворот на листерија
Бактеријата листерија се наоѓала во вакумираниот сечкан свински врат на фабриката „Екстра меин“, потврдија и двете француски лаборатории „Пастер“ и „Ансес“...

Еден е изворот на листерија од која 10 пациенти заболеа, а петмина починаа. Анализите во Франција го лоцираа кај индустријата „Екстра Меин“. Според министерот Тодоров со ова конечно се става крај на шпекулациите.
„Тврдеа дека листерија нема. Тврдеа дека ова е избрзана игра за пронаоѓање на виновник. Не прогласија за егзекутори и непознавачи на проблематика. Ние за цело време молчевме и веруваме во знаењето и професионализмот на македонските експерти“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.
Од здравство се надеваат дека наскоро истрагата ќе излезе со конкретни резултати.
„За труењето со опасната бактерија веќе е покрената кривична пријава против непознат сторител. Доказите од македонските институции веќе се доставени до Јавното обвинителство, а ќе бидат поткрепени и со наодите на француските лаборатории“, нагласува министерот Тодоров.
МТВ ја контактираше кумановската компанија. Најавија дека ќе го кажат својот став во наредните денови. За утврдување на причиниталот беа испитани 1.000 мостри. Заболени имаше во повеќе градови низ земјава. Најмладата жртва на листерија беше новороденче кое заболело од својата мајка, додека највозрасниот имаше 72 години.
Наташа Јанчиќ
