Македонија и Албанија со интегрирана заштита ќе го заштитуваат рибниот фонд во Охридското Езеро
За да се заштити рибниот фонд во Охридското Езеро потребно е Република Македонија и Република Албанија да ја усогласат законската регулатива и заеднички физички да го заштитуваат. Во спротивно, со масовното изловување е доведен во прашање опстаникот на охридската пастрмка...

Официјалните податоци говорат дека од 2010-та до 2014-та година од Охридското Езеро од албанска страна се изловиле 50 тони пастрмка, а од македонска еден тон. Меѓутоа, експертите сметаат дека таа бројка е далеку поголема, особено на македонската страна, каде што рибокрадците масовно го уништуваат овој ендемичен вид риба. Поради тоа, научната јавност од двете држави е едногласна дека без интегрирана заштита не може да се очекуваат резултати, за што пример е десет годишниот мораториум на излов на пастрмка во македонскиот дел од езерото.
„Проблемите се далекусежни и потекнуваат од поодамна, а нивното разрешување треба да биде со некој субјект кој што ќе има огромни ингеренции, пред се за заштита. А не може да биде концесионер во тој смисол да очекува возврат пред се добивање на финансиска, односно обезбедување на финансиски средства, туку мора да биде потпомогнат од двете држави“, вели Зоран Спирковски, Хидробиолошки Завод - Охрид.
„За заштита на рибниот фонд е потребна унифицирана легислатива, поточно законски одредби кои што ќе бидат подеднакви во двете држави, на двете страни од езерото“, изјави Фадил Ѓута, раководител на Секторот за акваториум при албанското Министерство за земјоделство.
Експертите посочија дека мора да продолжи и проектот за отстранување на заборавениот, напуштениот или на друг начин изгубен риболовен алат од езерското дно. Тој започна лани при што за десет дена беа отстранети 12 километри мрежи.
„Беше многу проблематично на места каде што имаше по неколку километри мрежи на големи длабочини и моравме да ги извадиме со помош на лифтови со бродот на ХБЗ“, изајви Милутин Секулоски-Миќо, нуркач.
Според проценките на дното од езерото има повеќе стотици километри таканаречени мрежи духови, кои сѐ уште ловат и го уништуваат рибниот фонд. За нивно отстранување е потребна нова опрема со која нуркачите ќе можат да се спуштат под 40 метри длабочина.
Сашо Нелоски
