Грчко МНР: Реформите и името се предуслови за интеграција на Скопје во ЕУ
Треба да биде јасно дека одлуките не ги носи Комисијата, туку Советот, кадешто Грција јасно ги има формулирано позициите, соопштуваат од грчкото МНР, во однос на извештајот на ЕК за напредокот на Македонија.

Реформите и решавање на прашањето за името се главните предуслови за интеграција во ЕУ. Треба да биде јасно дека одлуките не ги носи Комисијата, туку Советот, кадешто Грција јасно ги има формулирано позициите, соопштуваат од грчкото МНР, во однос на извештајот на ЕК за напредокот на Македонија.
Во однос на поранешната југословенска Република Македонија, долг е патот што треба да го изоди за да го пополни јазот создаден од назадувањето во последните години. Стабилноста и напредокот на земјата е од витален грчки интерес. Се нагласува дека ова е седми пат што оваа земја добива позитивна препорака од Европската комисија. Сепак, треба уште еднаш да се разјасни кон сите страни дека одлуките ги носи Советот, а не Комисијата, каде Грција јасно ги има формулирано нејзините позиции, велат од грчкото МНР и додаваат дека унапредување на реформите и решавањето на името се главните предуслови за напредок на земјата кон ЕУ.
Во соопштението се наведува дека Грција го поддржува проширувањето на Унијата, но земјите кандидати ќе треба да ги исполнат поставените услови.
